МЗТ Скопје Аеродром со 92:79 ја победи словенечката екипа Хелиос санс и триумфално ја стартуваше сезоната во втората АБА-лига. Аеродромци за кои ова е прв официјален меч сезонава, се мачеа во првото полувреме, а потоа го покажаа вистинско лице, па добија аплауз од присутните во „Јане Сандански“.
Во првата четвртина, МЗТ потфрли во одбраната, прими 27 поени, ја немаше најавуваната агресивност, како да сакаа да му дозволат на противникот да покаже што знае.
Вторите десет минути минаа во знак на домашните, па МЗТ на пауза замина со позитива од три поени разлика. Најголем проблем за МЗТ во првото полувреме беше лошата реализација на шутот за три поени (1/9).
„Штрковите“ во второто полувреме се опуштија, во 23-тата минута направија двоцифрена разлика, a во средината на третиот период семафорот покажуваше највисоки 61-45. Гостите ја преполовија негативата, но потоа МЗТ повторно воспостави контрола и направи разлика која знаеше да ја зачува до крај.
Новина кај МЗТ е што капитенот Дамјан Стојановски го носеше дресот со број 16, а „неговата“ 19-ка сезонава ќе биде на грбот на Андрија Бојиќ.
Најдобри поединци во македонскиот тим беа Бојиќ (22 поени, 5 скока), Џејмс Вудард (19 п., 5 ск,,4 ас), Иве Иванов (13 п.,7ск.) и Стојановски (16 п.). На Лестер Медфорд му фалеше една асистенција за дабл-дабл.