Прво полувреме 0:1 за Корона, Германците ќе нѐ поведат до пресврт и победа

Корона-вирусот го блокира фудбалот речиси два месеци и целата ситуација е идеална компарација како препишана од мојата омилена книга од детството „Првото полувреме 0:1“ од полскиот писател Адам Бахдај.

Во неа исконската желба за фудбал на едно момче од Варшава ги победува сите пречки и премрежја во повоената Полска.

Главниот јунак е Марјан Ткачик со прекар Мањус, дете без родители со извонреден талент за игра, но и со многу немирен дух што постојано го вовлекува во проблеми. Крајот е победнички, со триумф на неговата екипа Сиренка на големиот турнир за аматерски тимови, како што Бахдај мајсторски го опишува во своето ремек-дело.

Целата ситуација 70-тина години подоцна изгледа многу посериозно од детските авантури на Мањус, а фудбалот моментно губи со 0:1 против опасниот вирус, или како што го нарекуваат ковид-19.

Фудбал се игра само во неколку првенства, што ни оддалеку не се во рангот на најзначајните, но Белорусите, Никарагва, Тајван, Јужна Кореја и Фарски Острови засега не му дозволуваат на корона-вирусот до врв да ја наполни мрежата на светскиот фудбал.

Адутот за пресврт е на наша страна, во сабота продолжуваат Германците, што е робусна најава за оптимизам на милијарди фанови на најважната споредна работа на светот. Со нетрпение се чека камбек на теренот на моќната Бундеслига, што е одлична најава за пресврт и конечна победа против ковид-19, со голови во второто полувреме.

Бахдај го завршува своте маестрално спортско дело во победнички стил, а Мањус ќе го добие пехарот од варшавскиот турнир. Малото момче без родители и неговите соиграчи од Сиренка ќе го завршат талкањето во сиромаштија како членови на тогашниот полски фудбалски гигант Полонија.

Среќен крај очекуваме и сега во 2019 година, а најави за тоа има, и тоа многу солидни. Потегот на Германците и покрај опасното опкружување што го создаде пандемијата со ковид-19, ќе ги осоколи и останатите земји да продолжат со фудбал и на терен да ја победат заразата од опасниот вирус.

Шпанците, Англичаните, Италијанците и останатите европски првенства минус Франција, Холандија и Белгија, очекуваат рестарт на домашните шампионати. Тука се и Лигата на шампионите и Лигата н Европа, па со нови сили одиме на пресврт во второто полувреме, по водството од 0:1 за ковид-19 по првиот дел од актуелната фудбалска приказна.

ВАРДАР УБАВ ПАК ЌЕ НИКНЕ

Фантастична најава за нов, моќен тим што би можел повторно да ги загрее срцата на големата армија навивачи на двојниот европски првак предизвика вистински потрес и, што е најважно, покажа колку Скопје и цела Македонија копнеат по квалитетен спорт.

На објавената вест дека „црвено-црните“ подготвуваат нов дрим-тим што би бил кадарен за атак на трета европска титула имаше многу реакции и коментари, грото позитивни, но и дел што целата ситуација ја прифаќаат со доза на скепска.

Прво за вторите, што секако не се за обвинување бидејќи и тие го сакаат Вардар, но со причина се загрижени, пред сè поради моментната ситуација. Прашуваат дали е можно најавениот план за нов моќен Вардар реално да се оствари, а скептицизмот доаѓа од тоа што сè уште сите најави се само тивки кулоарски муабети.

Но, такви има и во сите спортови, па дури секојдневно читаме и дека еден Лионел Меси може да ја напушти Барселона. Тука се постојано и вестите за спортските саги со Нејмар, па и Роналдо, Мбапе… со кои и најреномираните спортски медиуми постојано бомбардираат. Дел се остваруваат, дел не, но народната мудрост вели: Каде што има чад, има и оган.

Со сигурност не може ништо да се тврди, а доброупатени извори кај нас велат дека Вардар може да добие нов силен спонзор, што покрај стариот лисец Михајло Михајловски може наскоро да изгради нов лик на „црвено-црните“ и да направи нов ракометен бум.

Тие што со многу радост и оптимизам ја прифатија веста за нов моќен Вардар, ги греат срцата на база на досегашните успеси на нашиот ракометен гигант. И зошто во светот на спортот би било чудно за клуб кој е двоен европски првак да привлече моќен спонзор што пак ќе го врати на патеките на успехот. Клуб кој ги има најдобрите ракометни навивачи на светот, публика и симпатизери што постојано до неодамна ја полнеа салата „Јане Сандански“, но и страниците на нашите и на сите поважни спортски медиуми во Европа. Фотографии и текстови со приказни за стотина илјади луѓе што на двапати ги дочекуваа нашите спортски јунаци, тешко ќе најдете и кај најразвиените земји и кај најголемите светски гиганти во кој било спорт.

Ќе признаете дека и двете титули беа неочекувани, но пристигнаа во Македонија испишани со две неверојатни ракометни бајки. Кој веруваше дека во 2017 година Вардар ќе ја освои првата европска круна, исправен пред најтешкиот можен пат што која било екипа го минала до тронот. Само на „црвено-црните“ им успеа на ист турнир, на Ф4 во Келн да победат против најтрофејниот клуб во Европа, Барселона, а потоа во епско финале и да го поразат најскапиот состав на Стариот Континент, Пари Сен Жермен.

За потсетување, Барселона има 9 европски титули, најмногу во историјата на ракометната игра, а ПСЖ беше клубот со најголем ракометен буџет пред две години.

Потоа вардарци пак играа на Ф4 како загревање за нов подвиг во 2019 година, кога пристигнаа како апсолутни аутсајдери со голема финансиска криза, но со огромни срца на шампиони. И пак играа танц на паркетот во „Ланксес арената“ со ново чудо против шпанските ракометни уметници од Барселона. Бајката ја знаете, и плус 7 на полувремето не му беа доволни на моќниот шпански состав да го сопре ураганскиот налет на Вардар што ги потопи со 30-минутна приказна за историја и ново финале во Лигата на шампионите. Потоа падна и унгарскиот дрим-тим од Веспрем за шлаг на новиот сензационален поход што заврши со искачување на европскиот трон на вардарци, вторпат во три сезони.

Супер подлога за нов моќен Вардар има, а со нетрпение ќе го чекаме следниот период, со најава за конечна разрешница во јуни, кога би требало да се случи најавениот проект за поход кон трета европска круна.

 

- Оглас -

Најнови вести