Првпат по 10 сезони, првакот на Шпанија не стигна до 90 бода

Барселона е првиот шпански тим кој по 10 сезони ја освои титулата во Ла Лига без да стигне до границата од 90 бода. Каталонците денес ремизираа со 2-2 на гостувањето кај Ејбар во последниот меч од 38-то коло во шпанското првенство, па сезоната ја завршуваат со вкупно 87 бода.

Последен пат ова се случи во сезоната 2008/09, Барса стигна до титулата по освоени 87 бода, исто колку и оваа сезона. Од сезоната 2009/10, во просек првакот на Шпанија освојувал вкупно 95 бода, а Барса и Реал по еднаш стигнаа до 100 бода, додека точно до границата од 90 бода и шампионска титула стигна Атлетико Мадрид во сезоната 2013/14.

Денес против Ејбар, Меси не дозволи да ја заврши сезоната со пораз, па во два наврати ја тресеше мрежата на домаќините. Претходно Кукурела донесе предност за Ејбар, а конечните 2-2 ги постави Де Бласис пред крајот на првото полувреме.

Меси со новите два погодоци сега вкупно има 36 гола за оваа сезона само во Ла Лига, а од поодамна Златната копачка му е осигурана.

- Оглас -

Најнови вести