Работнички го подмири долгот кон ФИБА, смее да купува и странци

Кошаркарскиот клуб Работнички веќе го нема на листата на суспендирани клубови кои немаат право да регистрираат нови странски играчи. ФИБА го „замрзна“ Работнички во мај минатата година поради долг на клубот (неофицијално од 40.000 евра) кон поранешниот играч Дарко Чохадаревиќ.

Клубот од „Градски парк“ конечно го плати долгот, се чини во последен момент, затоа што преодниот рок кај нас трае до 5 април. Ова значи дека составот на Марин Докузовски може да се освежи уште со некој странски кошаркар.

Сезонава Работнички користи само еден странец, Бугаринот Чавдар Костов, кој имаше двегодишен договор што го потпиша пред суспензијата. „Црвено-белите“ беа најдобри во регуларниот дел и од првата позиција стартуваат во Суперлигата, но добредојдени се нови играчи во битката со МЗТ Скопје Аеродром и Блокотехна, кои се главни конкуренти и ќе бидат опасни сега кога ќе им завршат настапите во регионалните лиги и ќе се фокусираат само на домашните обврски.

- Оглас -

Најнови вести