Работнички загуби, Македонија ЃП победи, но и двата некогашни шампиони се селат во Втората лига

Поранешните шампиони, Работнички и Македонија ЃП од следната сезона ќе играат во Втората лига. Романтичарите на домашен терен загубија од Тиквеш со 1-3 и на крајот завршија на претпоследното место , додека Македонија ЃП со победа се прости од Првата лига, откако на домашен терен славеше против Силекс со 4-2.

Тиквеш беше подобар ривал на Арената и славеше со головите на Лавал, Стојкоски и на Сила, а единствениот гол за Работнички го постигна Егзон Белица.

Во Ѓорче Петров, Македонија ЃП прва стигна до предност, кога Еступињан одлично реагираше по нафрлувањето од левата страна и со волеј удар го совлада Ѓорѓиевски. Неколку минути подоцна Македонија ЃП повторно ја затресе мрежата, но по ВАР интервенција погодокот беше поништен поради офсајд на Николиќ.

Токму Николиќ подоцна беше во центарот на вниманието и во сопствениот шеснаесетник, кога направи прекршок врз Беровиќ. По дополнителна ВАР проверка беше покажано на белата точка, а Мишов сигурно реализираше за 1-1.

Вториот дел започна во целосна доминација на домашните фудбалери. По една грешка на гостинската одбрана, Софијановски одзеде топка и несебично проигра до Гереро, кој без проблеми донесе ново водство за Македонија ЃП.

Гереро повторно се запиша во листата на стрелците во 56. минута, кога по корнер најдобро се снајде во шеснаесетникот и зголеми на 3-1. Домашните продолжија со офанзивата, а Еступињан беше блиску до нов погодок, но ја погоди стативата.

Силекс успеа да ја врати неизвесноста преку Донов во 74. минута, но надежите на кратовци згаснаа во судиското надополнување. Ајдоган реализираше пенал за конечни 4-2 и стави печат на победата на Македонија ЃП во нивниот последен прволигашки настап сезонава.

- Оглас -

Најнови вести