Ракометарки од Камерун “исчезнаа“ од Светското првенство!

Во моментов во Данска, Шведска и Норвешка се игра женското ракометно Светско првенство, а шведските медиуми откриваат скандал поврзан со селекцијата на Камерун. На последниот натпревар претставникот на Африка имаше “скратен“ ростер од само 14 ракометарки, иако во Шведска допатувале со 16 репрезентативки.

Медиумите од оваа скандинавска земја веднаш го покренале прашањето каде се ракометарките, па добиле одговор дека тие “исчезнале“, но дека не се киднапирани и не се работи за криминални дејствија, туку дека на сопствена воља го напуштиле кампот на репрезентацијата на Камерун.

Станува збор за ракометарките Бенедикт Mанга Амбаса и Мариане Батамаг кои престојот во Европа го искористиле да си ја пробаат среќата и можеби да побараат азил на “стариот континент“.

Ова не е прв случај кога спортистите од Африка ги користат светските првенства за да останат во Европа. Така беше и на женското првенство во Шпанија во 2021-вата година, но и на машкото кадетско првенство кое годинава се одржа во Хрватска.

- Оглас -

Најнови вести