Женската ракометна репрезентација на Македонија во неделата на ЕХФ учествува на традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“, кој оваа година се одржува во романскиот град Клуж Напока. Токму домаќинот беше првиот ривал за избраничките на селекторот, Кристијан Грчевски, кој беше далеку поуспешен и победи со 36-25.
После израмнетиот почеток и резултат од 2-2, следуваше серија од 3-0 на домашните за водство од 5-2, а оваа предност се зголеми до 9-4 на средина од првиот дел. Во еден период нашите ракометарки успеаја да се вратат резултатски и да намалат на 10-8, но тоа беше се што направивме во првото полувреме, па романките на паузата заминаа со предност од 16-12.
Во второто полувреме, домашните уште повеќе притискаа и нивната предност постојано растеше се до конечните 36-25. Македонските ракометарки шанса да го поправат впечатокот ќе имаат утре, кога играме против Словачка.
Ивана Гакидова и Јована Кипријановска со по пет гола беа најефикасни во нашата репрезентација, додека Симона Маџовска и Јована Саздовска постигнаа по три гола.
Настапот на „Трофеј Карпати“ е дел од подготовките за учество на Европското првенство, каде сме во група со Унгарија, Швајцарија и Турција, а освен турнирот во Романија, нашата репрезентација ќе настапи и на „Кроација куп“.