Рамос беше за потсмев кога изведуваше пенали, а сега знаете ли колку удари од белата точка нема утнато?

Серхио Рамос како вистински капитен го предводи Реал Мадрид кон титулата во шпанското првенство. Иако дефанзивец, Рамос е лидер и со пет гола во последните шест кола покажува дека е одличен во клучните натпревари. На последните два меча во првенството, Реал победи минимално со 1:0, а двата гола беа дело на Рамос од пенал.

За капитенот како да е најлесно на светот да се изведе пенал во клучни моменти, погодува, а противничките голмани се немоќни. Неверојатно делува фактот дека Рамос има 22 погодени пенали по ред. Последен пат Рамос од белата точка утна во мај 2018 година, на дуелот против Севилја во Примера. Тоа значи дека за две години, капитенот на Реал изведе 22 пенали и сите ги погоди.

Не секогаш Рамос беше толку прецизен од ударите за најстрога казна. Пред осум години, односно во април 2012 година Рамос беше еден од трагичарите на Реал Мадрид во полуфиналето од Лигата на шампионите против Баерн Минхен. Патникот за во финалето мораше да се реши на пенали, а играчите на Кралскиот куб очајно шутираа. Најпрво утна Роналдо, па Кака, а кога во четвртата серија дојде ред за Рамос, дефанзивецот го изведе еден од најлошите пенали во историјата. Рамос толку високо ја шутна топката над голот, што со месеци имаше сеир дека топката завршила во вселената.

Од тој легендарен утнат пенал, Рамос потоа како да се преобрази и сега е можеби и најдобриот изведувач на пенали во светот, бидејќи ретко кој може да се пофали дека погодил 22 пати по ред. Единствен голман кој успеал да му одбрани пенал на Рамос е Хрватот Субашиќ на Европското првенство во 2012 година.

 

- Оглас -

Најнови вести