Карик: Повторно имаше скандалозни одлуки на штета на нашиот клуб

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Мајкл Карик, беше бесен на судиите по поразот од Лидс јунајтед (1-2) во Премиер лигата. Тој имаше забелешки и за недосудениот фаул врз Лени Јоро при првиот гол на тимот од Јоркшир, како и за црвениот картон на Лисандро Мартинес, кој го повлече за коса Доминик Калверт-Луин во дуел за една топка.

„Не го започнавме натпреварот најдобро. Очигледно примивме гол кога Лени Јоро доби удар со рака во задниот дел од главата и тие го постигнаа првиот погодок. Судиите одлучија да не го поништат тој гол. Тоа беше клучен момент во мечот. Немавме потребен ритам, не ни одеше играта. Имавме некои моменти, но во најголемиот дел од првото полувреме не бевме на нивото. Но, во второто полувреме сметам дека момците, со оглед на пристапот, останаа позитивни и се бореа да извлечат нешто од натпреварот по уште една скандалозна одлука, исклучувањето на Лисандро Мартинес. Во два последовни натпревари вакви одлуки се против нас, но ова беше една од најлошите што сум ги видел“, изјави Карик.

Но, стратегот не застана тука и продолжи со критиките кон арбитрите.

„Можеш да го удриш Лени Јоро со лакот при првиот гол, очигледно движење со раката, можеш да му ставиш рака во лице на Лисандро Мартинес, а потоа, додека тој губи рамнотежа поради тоа и се обидува да се задржи, го допира задниот дел од косата, што доведува до паѓање на ластикот. Не знам ни како тоа изгледа. Не е влечење, не е кубење, не е агресивно. Тој го допира и е исклучен.
Најлошо од сè е што судијата е испратен да ја прегледа одлуката за „јасна и очигледна грешка“. Скандалозно“, додаде тој.

Сепак, призна дека ова не беше добар натпревар за неговиот тим.

„Момците дадоа сè од себе. Тоа е фудбалот, понекогаш имаш слаби периоди во натпреварите, понекогаш не. Знаеме дека можеме да бидеме подобри и да ги правиме работите подобро. Очигледно ќе го анализираме тоа. Во второто полувреме можевме да извлечеме нешто од мечот и задоволен сум од начинот на кој пристапивме. На паузата зборувавме да го постигнеме следниот гол и да се обидеме да го добиеме натпреварот. Секако, стана потешко кога останавме со играч помалку“, заклучи Англичанецот.

- Оглас -

Најнови вести