Ливерпул потполно го надигра Арсенал со 5-1 во дербито на 20. коло во Премиер лигата. Средбата на „Енфилд“ не наликуваше на дерби, туку на шоу во сопственост на напаѓачкото трио на „црвените“ – Фирмино, Салах и Мане.
Сите тројца се запишаа во листата на стрелци, а Бразилецот го постигна својот прв хет-трик меч од Премиер лигата откако го носи дресот на Ливерпул. Домаќините беа изненадени од раниот погодок на Арсенал, кој го постигна младиот Мајтланд – Најлс во 11-тата минута.
Фудбалерите на Јирген Клоп не застанаа тука, а на листата на стрелци се запиша и Садио Мане. Сенегалецот имаше лесна задача откако Салах му намести да ја затресе мрежата на Лено. Пред крајот на првото полувреме, беше досудена најстрога казна во корист на Ливерпул, па Салах беше немилосрден од белата точка за големи 4-1 по првите 45 минути.
Фирмино стигна до својот трет гол, откако во 65-тата минута судијата Мајкл Оливер повторно досуди пенал во корист на домаќините. Овојпат Салах го остави Бразилецот да ја изведе најстрогата казна и ја реализираше.
Ливерпул и по 20 меча останува непоразен во Премиер лигата, цврсто стојат на врвот со 54 бода, додека Арсенал четврти пат сезонава трпи пораз, па избраниците на Унаи Емери со 38 бода остануваат на петтото место.