Скандирањата „Косово е Србија“ беа повод за косовските репрезентативци своеволно да го напуштат теренот во Букурешт во 90-тата минута при резултат 0-0, а случувањата уште предизвикуваат реакции од двете страни.
Романскиот репрезентативец Разван Марин рече дека и тие биле навредувани кога гостуваа во Приштина, па не го напуштиле теренот како некои размазени деца.
„Никогаш не сум доживеал нешто слично. Тоа беше непочитување кон фудбалот. И ние бевме и исвиркувани, навредувани, наречени „цигани“, но не го напуштивме теренот. Дали треба да слушаме што се зборува на трибините? Нашите навивачи не кажаа ништо, освен скандирањето Србија-Косово, но тоа траеше 20 секунди. Провоцираа, веројатно видоа дека не можат да победат, чекаа да направат ваква сцена и веројатно да бараат службена победа. Тие треба да бидат позрели и попаметни. Кога нè нарекуваат „Цигани“, зарем тоа не е расизам? И тоа е грдо и навредливо“, изјави Марин.
Косовскиот капитен Амир Рахмани има своја верзија.
„Постојано се слушаа повици за „Србија, Косово“. Тоа траеше 90 минути. Потоа повиците почнаа со други зборови, кои не сакам да ги повторувам бидејќи е срамота. Првиот пат му рековме на судијата да ги слуша. Тој не направи ништо. Вторпат не сакаше да слуша. По третиот пат му реков дека си заминуваме. После тоа навивачите уште повеќе почнаа да извикуваат „Косово, Србија“. УЕФА мора да одлучи затоа што ние сме фудбалери, тука сме да го претставуваме нашиот народ, нашата земја која има тешко минато. Војната одзеде животи на луѓето, имаше масакри. Сите треба да знаат дека Косово е Косово или дека Косово е Албанија. Тоа е тоа. Тука завршува приказната“, рече Рахмани.
Инаку, доколку Романија добие службена победа од 3-0, тоа нема да боде добро за Македонија, бидејќи Романците би имале подобра гол-разлика од нас и во моментов би биле подобро рангирани помеѓу тимовите кои се надеваат на бараж за СП 2026 преку Лигата на нации, ако не успеат преку класичните квалификации.