Денешната ждрепка за 16-финалето на Купот на Шпанија, се чекаше со нетрпение, затоа што ова е прва фаза во која се вклучуваат гигантите Реал Мадрид и Барселона.
Реал ќе гостува кај четвртолигашот Депортива Минера во мало место во близина на Мурсија, а Барса втора сезона по ред ќе гостува кај борбениот Барбастро кого лани го победи со минимални 3-2. За Каталонците тоа не е далечно патување, имаат околу два часа пат со автобус до местото во близина на Хуеска, но во Барбастро се убедени дека пак може да му дадат силен отпор на големиот фаворит.
Во Депортива Минера се среќни што ќе имаат чест на нивниот стадион да го пречекаат најголемиот, Реал Мадрид, но испратија и „закана“ до Кралскиот клуб.
„Тие сигурно ќе страдаат. Првите две или три минути, сигурно. Ајде да уживаме во натпреварот кој е за историјата на клубот. Ќе играме против најдобриот тим во светот“ рече играчот на Депортива, Френсис.