Американската тениска легенда, а сегашен телевизиски коментатор, Џон Мекинро, смета дека актуелната ситуација во тенисот во која двајца доминираат не е добра и тоа треба што побрзо да се смени за доброто на спортот.
Јаник Синер и Карлос Алкарас прават тенисот да станува здодевен бидејќи немаат сериозна конкуренција. Италијанецот и Шпанецот победија на последните девет гренслам-турнири, а еден од двајцата ги освојуваше последните 20 турнири на коишто играле и двајцата. За да продолжи тенисот да се развива, потребен е тој трет човек, а можеби и четврти, смета Мекинро.
„Уште еден одличен играч, а можеби и двајца се неопходни за тенисот да стане поинтересен. Се сеќавам, јас кога напредував, Бјорн Борг и Џими Конорс беа двајцата најголеми шампиони и сите зборуваа само за нив. Новак Ѓоковиќ помина низ слична ситуација. Секогаш Рафаел Надал и Роџер Федерер беа на чело додека не се појави тој “, рече Мекинро, кој е седумкратен гренслам-шампион.

