Реал Мадрид го претрпе најтешкиот пораз на свој терен во Европа

Реал Мадрид се посрамоти на свој терен и загуби со убедливи 3-0 од ЦСКА Москва, во меч од последното коло на групната фаза од Лигата на шампионите. И пред почетокот на овој меч, Кралскиот клуб беше сигурно прв во групата, но поразителен е фактот дека загуби со толкава разлика на „Сантијаго Бернабеу“.

За Реал ова е најтежок пораз во клупската историја кога се работи за меч на домашен терен во европските натпреварувања, а само 11-ти пат дури во 254 средби да прими барем три гола на „Сантијаго Бернабеу“ во мечеви во организација на УЕФА.

Чалов во 37-мата минута ја донесе ЦСКА во водство, а до крајот на првото полувреме погоди и Шеников за гостите. Сигурдсон во 73-тата минута го натера Тибо Куртуа по трет пат да ја вади топката од својата мрежа, за историски пораз на Кралскиот клуб на свој терен.

Во групната фаза од ЛШ, Реал на свој терен немаше пораз на претходните 27 меча (24 победи и три ремија). Сезонава ЦСКА славеше над мадридскиот гигант на двата меча, факт со кој ретко кој во Европа може да се пофали.

Интересно е што ЦСКА Москва и со оваа победа не успеа да обезбеди место ниту во Лигата на Европа, бидејќи Викторија П’лзењ со 2:0 ја победи Рома и на тој начин ја задржи третата позиција во групата.

На крајот на табелата Реал е прв со 12 бодови, пред Рома со 9, П’лзењ 7 и ЦСКА со 7 бодови.

 

 

- Оглас -

Најнови вести