Реал Мадрид има „среќа“ со повредите на ривалите

Европскиот првак Реал Мадрид, во последните месеци има среќа во некои од најважните натпревари да игра против некомплетен противник, без клучен играч на ривалите.

Задутре, „кралскиот клуб“ гостува кај најлутиот ривал Барселона, а Реал има среќа што во редовите на каталонците ќе го нема Лионел Меси. Аргентинецот се повреди минатиот викенд и нема да може да му помогне на својот тим против гостите од Мадрид.

За потсетување, во финалето на Лигата на шампионите, на Реал му се олесни работата кога се повреди Мохамед Салах од Ливерпул. И во 2014 година, во финалето против Атлетико, после 8 минути излезе повредениот Диего Кошта.

Во полуфиналето од минатата сезона од ЛШ, против Реал, кај Баерн ги немаше Артуро Видал и Мануел Нојер, а се повредија Арјен Робен и Жером Боатенг. Во четвртфиналето, кај Јуве ги немаше Бернардески, Бенатија и Квадрадо на првиот, а Дибала на реваншот. Пред тоа, против ПСЖ, кај „светците“ недостасуваше Нејмар.

Реал извлече позитивни резултати против сите овие ослабени екипи, а неговите навивачи посакуваат така да биде и в недела попладне на „Камп Ноу“.

- Оглас -

Најнови вести