Реал Мадрид подготвува понуда за најголемата ѕвезда на Баер

Екипата на Баер Леверкузен е единствена од Топ 5 лигите која е без ниту еден пораз сезонава во сите натпреварувања. Историска е оваа сезона за Фармацевтите кои се пред освојување на првата титула во Бундеслигата.

Покрај убавите моменти поради резултатите, челниците на Баер се соочуваат и со одредени проблеми, а тоа е како да се сочуваат најдобрите играчи да останат во екипата и за следниот период. Еден од лидерите на Баер е Флоријан Вирц, кој игра одлично.

За младиот 20-годишен Вирц се заинтересираа повеќе европски гиганти, меѓу кои се Ливерпул, Манчестер сити и Баерн, но многумина сметаат дека најголем фаворит е Реал Мадрид.

Според дел од шпанските медиуми, претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, веќе комуницирал со челниците на Баер и најавил дека Кралскиот клуб подготвува вистинско богатство за да го откупи договорот на Вирц.

Сепак, Реал не планира да го доведе Вирц ова лето, туку плановите се летото во 2025 година затоа што за следниот преоден рок во прв план е доведувањето на Килијан Мбапе од Пари Сен Жермен. Шпекулациите се дека откупната клаузула на Вирц да ја надмине бројката од 100 милиони евра.

Оваа сезона офанзивниот играч на Баер Леверкузен постигна 11 гола, а има дури 17 асистенции, што го прави вистински лидер во тимот кој се подготвува за шампионско славење во Бундеслигата.

- Оглас -

Најнови вести