Ремито во Ѓорче Петров им е судено на Македонија и Шкендија

Македонија Ѓорче Петров и Шкендија денеска од 17 часот го играат првото од двете големи дербија во третото коло во Првата македонска фудбалска лига.

Лавовите од Ѓорче Петров и тетовци имаат интересна низа од четири нерешени дуели кога играат во Скопје, на теренот на Македонија.

Три од нив се првенствени и последниот пријателски што го одиграа во јули. И тогаш беше нерешено, 1:1, а се играше по долгата пауза од март и прекинот на домашниот шампионат поради пандемијата со корона-вирус.

Шкендија тргна во новата сезона со реми и победа, а дуелот со Македонија ќе биде и тест за можностите за европскиот предизвик на 27. август во Азербејџан против Сумкајт во првата квалификациска рунда за Европа Лигата.

Шкендија има одлична традиција против домашните Лавови и нема загубено во Ѓорче Петров од Македонија од 2008 година.

Вториот дуел ќе се игра денеска во Тетово, каде Ренова ќе им биде домаќин на Академците на Пандев. Струмичани се уште го чекаат првиот гол од двете екипи што им играат во Првата лига.

Вчера Беласица не успеа да постигне погодок и на третиот меч во првенството, откако загуби со 0:2 од Шкупи, а и Академија Пандев има два порази од по 0:1 и е без постигнат гол.

Ренова исто како и Шкендија ќе мора на далечен пат веднаш по мечот со струмичани, бидејќи ги очекува меч од првото коло во квалификациите за ЛЕ, на 27. август против Алашкерт од Ерменија.

Утре од 17 часот ќе се играат преостанатите три меча од третото коло. Ќе играат Вардар – Силекс, Струга – Борец и Пелистер против Работнички.

 

- Оглас -

Најнови вести