Кошаркарите на Оклахома сити тандер и Детроит пистонс поведоа со 2-0 во полуфиналните серии од плејофот за шампионската титула во НБА лигата. Чет Холмгрен и Шеј Гилџес-Александер со по 22 поена го предводеа тимот на Оклахома до победа од 125-107 над Лос Анџелес лејкерс, додека Детроит пистонс славеа против Кливленд кавалирс со 107-97 и ја зголемија предноста во серијата.
За актуелниот шампион од Оклахома, кој во плејофот сè уште не знае за пораз и има скор 6-0, Ајеј Мичел постигна 20, а Џарен Мекејн 18 поени. Серијата сега се сели во Лос Анџелес, каде што Лејкерс во сабота ќе бидат домаќини на третиот натпревар.
ЛА лејкерс и на овој натпревар беа значително ослабени. Повторно настапија без својот најдобар стрелец Лука Дончиќ (просек од 33,5 поени), кој е надвор од терените на неодредено време поради повреда на задниот дел на бутниот мускул. Недостигаше и Џаред Вандербилт, кој на првиот меч го дислоцираше малиот прст на десната рака.
Дополнителен проблем за тимот беа и личните грешки, бидејќи дури тројца играчи го завршија натпреварот со по пет фаули, што ја намали нивната агресивност во завршницата.
Во составот на ЛА лејкерс, најефикасен беше Остин Ривс со 31 поен и шут 10/16, со што го поправи впечатокот по слабата шутерска вечер на првиот натпревар. Леброн Џејмс, кој во првиот дуел постигна 27 поени, овојпат додаде 23.
Клучниот момент на натпреварот се случи на стартот од третата четвртина. При водство на ЛА лејкерс од 63-61, на Гилџес-Александер му беше досуден четврти фаул по контактот со Ривс. Судиите по прегледувањето на снимката прекршокот го окарактеризираа како неспортски од прва категорија. Во текот на решавањето на ситуацијата, техничка грешка доби и Алекс Карузо од Оклахома сити тандер.
Гилџес-Александер мораше на клупата при водство на ЛА лејкерс од 65:61, но токму тогаш Тандер, без својата најголема ѕвезда, целосно ја презедоа контролата над натпреварот. Оклахома во периодот додека тој беше на клупата ги надигра Лејкерс со 32-15 и во последната четвртина влезе со предност од 93:80. Гостите во финишот успеаја да се доближат на минус пет, но Тандер го одби нивниот налет и мирно го приведоа мечот до крај.
Во вториот натпревар на вечерта, Детроит пистонс на домашен терен ги совладаа Кливленд кавалирс со 107-97. Пистонс до победата ги предводеа Кејд Канингем со 25 поени и 10 асистенции, како и Тобајас Харис со 21 поен. Третиот натпревар се игра во сабота во Кливленд.
Кај Кавс, четвртопласираниот тим на Истокот, Донован Мичел уфрли 31 поен, додека Џарет Ален забележа 22 поени и седум скока. Разочара Џејмс Харден, кој за 10 поени промаши 10 од 13 шута од игра.
Харден имаше и четири загубени топки, меѓу кои и една клучна на 33 секунди до крајот при негатива на Кавс од шест поени.
Макс Струс од Кливленд постигна само три поени, откако на првиот натпревар уфрли 19. Кавси во последната четвртина ги промашија сите 11 обиди за три поени. Во редовите на Детроит се истакнаа и Данкан Робинсон со 17 поени, како и Џенкинс, кој од клупата додаде 14 поени.

