Македонија вечерва доживеа очекуван пораз од селекцијата на Полска со 3-0. За нас прв пораз на Европското првенство, кој нема да смени ништо во однос на нашите амбиции. Зацртаната цел ја остваривме, ги совладавме Данска и Црна Гора и сега ни остануваат само уште дуелите против Холандија и Чешка на кои ќе се бориме за што подобар пласман во групата и по можност да се избегнат Италија и Србија во осминафиналето.
– “Уживавме во натпреварот. Атмосфератаа беше одлична, публиката повторно дојде во голем број за да не поддржи. Игравме против репрезентација од светски ранг, можеби и против најдобрата во светот. Уживав пред ваква публика. Немавме трема воопшто, па и тие се луѓе, ете видовте сите, во вториот сет бевме рамноправни. Мислам дека немавме шанси на овој натпревар, разликата беше во сервисот, ако едната ротација не мине, тогаш наредната ќе мине. Против Холандија и Чешка ако играме како што знаеме сигурно дека може и да победиме двете, тие воопшто не се во рангот на Полска.“ – изјави Филип Маџунков после дуелот со Полска.
Еден од најискусните во нашите редови, Владо Милев, смета дека ако дадеме 120% може да се радуваме на победа и против Холандија и Чешка.
– “Тие се професионалци и на теренот го даваат својот максимум, воопшто не им се важни противниците, ја гледаат само својата игра. Пруживме добар отпор, бевме на моменти во егал, но во клучните моменти тие беа подобри од нас. На моменти можевме да одиграме подобро, но што е тука е, сепак игравме против најдобрата светска селекција. Се надевам на следните два натпревари ќе влеземе мотивирано и ќе покажеме добра игра и секако да оствариме добар резултат. Со Холандија и Чешка можеме да играме, но се слаби, но треба да играме мотивирано и да дадеме 120% на теренот за да оствариме добар резултат.“ – изјави еден од најсикусните репрезентативци, Владо Милев.
Искусниот Александар Љафтов веќе има анализа за Холандија и вели дека се далеку од квалитетот кој го поседува Полска.
– “Ние дадовме максимум, можеби не изгледаше така, но тие се најдобрите во светот. Не се посрамотивме, одигравме добро и се носевме во вториот сет. Задоволен сум од натпреварот, можеби можевме да земеме барем сет. Добра атмосфера во салата, ѝ благодарам на публиката што нѐ поддржува. Со Холандија може да се игра, тие имаат само еден играч од светска класа, тоа е коректорот. Можеме да се справиме со него. Не сакам да ги потценувам другите играчи, но тие не се Полска. Имаме ден одмор да се подготвиме, па зошто да не завршиме и трети во групата, дај боже и второ, па да ги избегнеме Италија и Србија.“ – рече Александар Љафтов после поразот од Полска.