Британската Влада веќе одлучила да дозволи повторно да се игра фудбал, а денеска само треба да ја соопшти одлуката дека Премиер лигата во Англија ќе продолжи на 12 јуни.
Премиерот Борис Џонсон денеска ќе соопшти одлична вест дека Премиер лигата ќе ја продолжи сезоната на 12 јуни, а за утре се очекува и планот за сите останати спортски активности во Велика Британија, објави „Телеграф“.
Фудбалскиот план Британците го нарекоа „Проект за рестарт“, а одлично за сите фанови на англискиот фудбал е што има назначено и прецизен датум за продолжување на возбудувањата во една од најсилните лиги на светот.
„Телеграф“ објави и дека со тоа ќе биде скротен и тивкиот бојкот на неколку екипи од долниот дел на табелата кои најавија дека нема да продолжат да играат ако има испаѓање од лигата.
До прекинот во март поради пандемијата со ковид-19, беа одиграни 29 кола во Премиер лигата и остануваат уште девет рунди, или точно 92 натпревари за да заврши сезоната.
Планот е да се игра на неколку неутрални терени во Англија, но тоа сè уште не е прецизно дефинирано, а моментно лидер е Ливерпул со 82 бода, 25 повеќе од актуелниот шампион Манчестер сити, но со меч повеќе.
Покрај најквалитетната англиска лига, рестарт се најавува и за Шампионат лигата, а таму Лидс, екипата на нашиот репрезентативец Езџан Алиоски е лидер со 71 бод, пред Вест Бромвич албион со 70.
И таму, како и во Премиер лигата, треба да се доиграат уште девет кола.