Рестартирање на ПЛ какво што може да се посака: Дерби во првото коло!

Реномираниот лист „Дејли мејл“ открива детали околу тоа како ќе се одвива рестартирањето на сезоната во Премиер лигата, а ако се верува на англискиот медиум, нè очекува доста интересен почеток. Доколку се придржат според планот сезоната да се врати на 12 јуни, натпреварите ќе се играат по еден во петок и понеделник, додека четири меча се резервирани за сабота и недела.

За почеток се најавува дерби во кое главната улога ќе ја има Жозе Мурињо. Неговиот Тотенхем ќе го пречека тимот каде што доби отказ, Манчестер јунајтед. Овој дуел првично требаше да се одигра на 15 март, односно пред да се случи прекинот на сезоната поради пандемијата со корона-вирусот. Португалецот сезонава веќе претрпи пораз од Црвените ѓаволи при враќањето на „Олд трафорд“, па ќе биде интересно да се види дали неговите Петли ќе се изборат за реванш.

Во меѓувреме најавено е дека ќе има натпревари и во текот на работната недела, со оглед на тоа дека 29-тото коло не е комплетирано. Англичаните настојуваат сезоната да заврши до крајот на јули, па затоа ќе се игра преку ред.

Пред прекинот, како што е веќе познато, Ливерпул убедливо стои на лидерската позиција на табелата со 82 бода, 25 повеќе од Манчестер сити, а на тимот на Клоп му се потребни две победи за и официјално да ја освои шампионската титула.

 

- Оглас -

Најнови вести