Вечното хрватско дерби меѓу Хајдук и Динамо Загреб е одложено и нема да се игра викендов што следува поради масовна зараза со корона-вирусот кај сплитските били.
Домаќините пријавија дури 12-мина заразени фудбалери со ковид-19, а не се знае дали меѓу нив е и македонскиот младински репрезентативец Јани Атанасов.
Првично во Хајдук имаше пет случаи со позитивни тестови на ковид-19, а потоа се пријавени уште 7 позитивни тестови, па по молба на ракпводството на клубот, ХНС го одложи вечното дерби.
На спротивната страна, за Динамо Загреб играат капитенот Аријан Адеми и неговиот клупски соиграч, но и од репрезентацијата на Македонија, Стефан Ристовски.
Ристовски секако ќе немаше право да игра поради црвениот картон што го доби во претходното коло против Осиек, па сега можеби и ќе има право на настап бидејќи ќе ја одлежи суспензијата на дуелот со Славен Белупо на 28 февруари.
Одлуката кога ќе се игра најголемото дерби во Хрватска ќе биде донесена дополнително.