Стефан Ристовски: Се радувам, конечно Арената во Скопје ќе заличи со навивачи на трибините

Стефан Ристовски вели дека се радува што конечно утре Арената во Скопје ќе заличи на фудбалски спектакл со навивачи на трибините. По долг период поради корона-кризата македонските фудбалски репрезентативци ќе играат пред публика, која ќе дојде да ги поздрави своите спортски херои, кои обезбедија историски настап на големо натпреварување.

Македонија ќе игра на Европското првенство, а утре е првиот од двата планирани контролни натпревари во Скопје.

„Конечно дочекавме да играме со публика на трибините. Ме радува што ќе има навивачи и се надевам дека ќе ги израдуваме со успех и добра игра против Словенија.

Едвај чекам да почне Европското првенство и да покажеме дека Македонија има квалитет и потенцијал да биде чест учесник на големите натпреварувања. Мечот со Австрија за старт на ЕП е многу важен за нас. Нè надиграа во Скопје пред две години и се сеќавам дека бев многу лут. Македонија напредуваше оттогаш и очекувам на 13 јуни да бидеме во малку поинакво расположение, се надевам победничко со полн реванш против Австријците“, вели заменик-капитенот во македонската репрезентација.

Македонската фудбалска експедиција ќе патува за Букурешт на 8 јуни, а првиот меч на ЕП ќе го играме на 13 јуни против Австрија. Потоа повторно во Букурешт ќе играме со Украина на 17 јуни, а завршниот меч во Ц групата од првата фаза на ЕП ќе го играме со Холандија во Амстердам на 21 јуни.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести