Ривалот на Македонија не се шегува – Исланд се засили со човекот што ги одведе до четвртфинале на ЕП

Ларс Лагербек е именуван за технички советник на стручниот штаб на исландската репрезентација, која ќе ѝ биде ривал на Македонија во квалификациите за настап на Светското првенство во Катар што ќе се игра следната година.

Лагербек е човекот што командуваше со исландската репрезентација како селектор во најголемиот успех и настапот во четвртфиналето на ЕП во 2016 година.

Тогаш Исланѓаните редеа изненадувања, а во осминафиналето ја шокираа Англија со победа од 2:1 и елиминација од турнирот.

Потоа загубија со 5:2 од домаќинот Франција, а по завршувањето на Европското првенство, Лагербек си замина и стана селектор на Норвешка.

Претходно цели 9 години беше селектор на Шведска од 2000 до 2009 година, а една година командуваше и со националниот состав на Нигерија во 2010 година.

Го сметаат за еден од најдобрите аналитичари во светскиот фудбал, а со совети за селекторот Арна Видарсон и неговиот стручен штаб ќе се обиде да му помогне на Исланд да се пласира на Мундијалот во Катар, во конкуренција на Германија, Македонија, Романија, Ерменија и Лихтенштајн.

Со Исланд ќе играме на 5 септември годинава во Рејкјавик и потоа во Скопје на 14 ноември.

 

- Оглас -

Најнови вести