Роде стагнираше 510 дена, конечно ќе игра фудбал

Ајнтрахт Франкфурт ја официјализираше позајмицата на Себастијан Роде од Борусија Дортмунд. Германецот по четири и пол години се врати во редовите на „орлите“, за позајмицата се исплатени 1,5 милиони евра, па до крајот на сезоната ќе игра за освојувачот на германскиот Куп од минатата сезона.

Роде потполно беше заборавен од страна на Луцијан Фавр во редовите на „милионерите“ откако сезонава не запиша ниту една минута во жолтиот дрес. Поминаа точно 510 дена откако тој последен пат беше на терен, играше против Баерн Минхен во Суперкупот на Германија на петти август 2017 година.

Сега се врати во тимот со кој во 2012 година влезе во германската елита, а една сезона подоцна придонесе за Ајнтрахт да заврши на шестото место на табелата и да обезбеди пласман во Лигата на Европа. Ајнтрахт и сега има слични амбиции, ако не и поголеми. Повторно се борат за излез во Европа, а сезонава се еден од најдобрите тимови во ЛЕ остварувајќи пласман во нокаут-фазата со максимални шест победи од групите.

Роде во летото 2014 година како слободен го напушти Ајнтрахт и се пресели во Баерн Минхен, а по две години беше продаден на Дортмунд во трансфер вреден 12 милиони евра. Четири и пол години подоцна, тој се враќа на добро познатото место, каде што ќе биде многу покорисен отколку на „Сигнал идуна парк“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести