Роџерс пред мечот со Сити: Да победиме за Ливерпул? Не, Лестер ме плаќа за тоа

Манчестер сити во понеделник навечер (21 часот) на „Етихад“ ќе го пречека тимот на Лестер во рамките од 37-мото, претпоследно коло во Премиер лигата. Избраниците на Пеп Гвардиола со евентуален триумф ќе бидат чекор поблиску до одбрана на титулата, бидејќи на две кола до крајот имаат 92 бода, еден повеќе од второпласираниот Ливерпул.

Сепак, на Граѓаните воопшто нема да им биде лесно. Лестер е екипа која редовно знае да изненади против топ 6 екипите од Англија, а особено ја подобрија својата игра по доаѓањето на Брендан Роџерс на клупата. Токму ексменаџерот на Ливерпул ќе се обиде да им ги расипе плановите на Сити и воедно да им помогне на Црвените да дојдат до шампионската титула по чекање од речиси 30 години.

Сепак, тој вели дека не сака да му направи услуга на Ливерпул, едноставно сака да обезбеди добар резултат на гостувањето во Манчестер затоа што тоа му е работа, да ја води екипата на Лестер кон успеси.

„Не ме интересираат туѓи борби. Ме интересира само она што се однесува за нас. Навистина не сум посебно мотивиран пред мечот со Сити поради Ливерпул. Јас сум вработен во Лестер и фокусот ми е само кон овој клуб“, јасно одговори Роџерс.

Стратегот од Северна Ирска мина три години на клупата на Ливерпул, а во сезоната 2013/14 беше на чекор од освојување на Премиер лигата токму со Црвените од „Енфилд“, но трката за титулата ја загуби во последните три кола, а Сити стана шампион.

„Не може да се спореди овој тим на Ливерпул со тој што го водев јас. Ние цела сезона игравме над своите граници и можности. Тимот беше млад и имавме доста позајмени играчи. Покажавме дека можеме и така да се надигруваме, но на крајот завршивме како втори, што веројатно беше и заслужено“, додаде Роџерс.

Дуелот од 37-мото коло меѓу Манчестер сити и Лестер сити на програмата е во понеделник навечер, во 21 часот.

- Оглас -

Најнови вести