Русите дозволија шампионатот да се игра пред публика

Фудбалската федерација на Русија им дозволи на прволигашите да играат пред ограничен број навивачи штом првенството продолжи со натпреварување на 21 јуни. Неколку клубови се мачат со финансиите, што е една од причините да се дозволи присуство на публика, па затоа во првата фаза од олабавувањето на мерките, екипите ќе може да продаваат 10% билети од вкупниот капацитет на нивните стадиони.

Самите клубови ќе треба да одлучат како ќе ги распоредат навивачите на трибините. Треба да се земе предвид дека разликата на капацитетот на стадионите е голема, како на пример, „Газпром арената“ на Зенит располага речиси со 68.000 седишта, наспроти „Газовик“, стадионот на Оренбург, кој има капацитет од 7.500 седишта. Како и да е, фудбалот во Русија се враќа со навивачи, а лимитот од 10% веројатно постепено ќе се зголемува.

Руската Премиер лига застана со натпреварување по 22 кола, останаа да се доиграат уште осум. Актуелниот првак Зенит е убедлив лидер на табелата со 50 бода, девет повеќе од второпласираниот состав на Локомотив Москва.

- Оглас -

Најнови вести