Русите и го блокираа патот на Македонија кон Евробаскетот

Македонија доживеа тежок пораз од Русија во Перм со 94:77 и сега мисијата да се стаса до Евробаскетот идната година е речиси невозможна.

По поразот од Русите, ни треба победа против Италија и потоа евентуално ако успееме да ги надиграме „аѕурите“, ќе треба да славиме против Естонија со најмалку 10 поени разлика и притоа да се надеваме дека нашиот последен ривал во квалификациите нема да ја победи Русија.

По добриот настап против Италија, вчера, кога загубивме во интересен меч со 92:84, денеска избраниците на Александар Тодоров разочараа.

Играта под обрачите што ни е константен проблем и денеска ја направи клучната разлика во корист на противникот. Русите имаа дури 45 скока, наспротив само 20 на Македонија, што беше еден од главните фактори за тешкиот пораз од 17 поени.

Само на почетокот на мечот покажавме одреден квалитет и поведовме со 9:5, потоа и со 15:13, а се потоа беше во знакот на домаќините. Со серија од 13:5 во вториот дел од првата четвртина Русите поведоа со 26:21, а потоа рутински одржуваа двоцифрена предност до која за првпат стасаа во четврттата минута од вториот период, кога водеа со 37:27.

На полувреме беше 51:33 за домаќините, кои имаа многу офанзивни скокови на мечот, вкупно 18 во однос на вкупниот број на скокови на нашата репрезентација, точно 20.

Во третиот период одигравме најдобро на мечот и тој дел заврши нерешено 21:21,  а потоа го добивме и завршниот период од 10 минути со 23:22, сепак премалку за да се избегне убедливиот пораз од 94:77, што им донесе пласман на Русите на Евробаскетот.

Војдан Стојановски со 18 поени беше најефикасен во македонскиот табор, пред Џејкоб Вајли со 16 и Стојан Ѓуровски и Кристијан Николов со по 11 поени.

Македонија ќе игра задутре повторно против Италија од 13 часот и ни треба победа за да се задржат минималните шанси за настап на ЕП идната година.

Последниот меч во овие квалификации ќе го играме со Естонија на 22. февруари, во понеделник од 15 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести