Првата тенисерка во светот, Арина Сабаленка, се пласираше во третото коло на Ролан Гарос. Белоруската тенисерка по нешто повеќе од час и половина игра ја совлада Елса Жакемо со 2:0 во сетови.
Одлично го отвори мечот Сабаленка и веќе во четвртиот гем направи брејк, но веднаш во следниот го загуби својот сервис, па како брејкот да не постоеше.
Сепак, по пропуштената сет-топка во десеттиот гем, Сабаленка успеа повторно да ѝ го одземе сервисот на противничката и со 7:5 го освои првиот сет.
Вториот сет беше многу поразличен. Веќе во вториот гем Арина стигна до брејк, а потоа во шестиот направи уште еден и поведе со 5:1. Иако сервираше за победа, Жакемо успеа да врати еден брејк и да остане во мечот.
Но, надежта на Французинката траеше кратко, бидејќи Сабаленка веќе во следниот гем повторно направи брејк и со 6:2 стави точка на мечот.
Во наредното коло Сабаленка ќе игра против Дарија Касаткина.

