САД без „дрим-тим“ може само да сонува злато

Обложувалниците по убаво ќе ги паметат 10 и 11 септември, кога двата најголеми фаворити за пласман во финалето на Мундобаскетот, Србија и САД, испаднаа уште во четврт-финалето на СП во Кина и останаа без медали. Ретко кој се надеваше на такво сценарио, па Србите и Американците наместо во полуфинале, си играа едни против други во разигрувањето за петто до осмо место.

Ако пред првенството погодивте дека Шпанија без Пау Гасол, Миротиќ и Ибака ќе биде светски првак, алал да ви е. Без пораз дојдоа до титулата, секоја чест мајстори!

Српските Орли високо летаа, а ниско паднаа. Мислеа дека никој не може да ги запре. Тешко им падна елиминацијата во четврт-финалето, па селекторот Ѓорѓевиќ си даде оставка.

Американците без пораз дојдоа до четврт-финалето, но тука се лизнаа. И претходно беа ранливи, требаше да загубат и од Турција. На крајот, тие се само седми, дури и една Чешка е пред нив.

Најавите дека САД нема тим кој ќе се прошета до златото, се остварија и ова е голема шлаканица за нив, најголема по дебаклот на СП во Индијанаполис во 2002 година. Но, ова им е и реалноста. Со ваков состав, тешко можеа до златото. Тоа се виде уште кога беа надиграни убедливо од Австралија на пријателски меч во подготвителниот период.

НЕ ДЕКА НЕМААТ ИГРАЧИ, ТУКУ ЛЕТОВО НЕМАА ПАТРИОТИ МЕЃУ ЅВЕЗДИТЕ

Од овие 12-мина што настапија во Кина, никој (евентуално можеби Кемба Вокер, кој би бил неупотребувана резерва) не би имал место во составот ако не откажеа најголемите ѕвезди.

Ќе наброиме 18 кошаркари кои беа на почетниот список на Грег Попович, но одбија да играат летово.

Тоа се: Стеф Кари, Кајри Ирвинг, Џејмс Харден, Демиен Лилард, Демар Дерозен, Клеј Томпсон, Расел Вестбрук, Џими Батлер, Каваи Ленард, Пол Џорџ, Кевин Дурант, Леброн Џејмс, Дрејмонд Грин, Блејк Грифин, Ентони Дејвис, Деандре Џордан, Андре Драмонд, Демаркус Казинс.

Доколку играа 12 од овие 18-мина, САД веројатно ќе дојдеше до златото. Но, честопати во минатото се случувало на светските првенства да не играат во најсилен состав и да останат без злато. Тие историски повеќе се палат на олимписките турнири, таму повеќе ги боли ако не освојат злато и не треба да се сомневаме дека ќе имаат многу силен тим в година во Токио, со намера да си го повратат достоинството.

В ГОДИНА ВО ТОКИО БИ СЕ ОБЛОЖИЛ ДЕКА САД ЌЕ ИМА МНОГУ ПОСИЛЕН ТИМ

По неуспехот на СП во 2002, кога исто така останаа без медал, и на СП во 2006, кога освоија само бронза, Американците се налутија, па во 2008 на ОИ во Пекинг испратија феноменален тим со Брајант, Џејмс, Кид, Вејд, Хауард, Бош, Пол, Ентони, итн.

Веројатно следното лето ќе сакаат на светот да му докажат кој е главен. Но, сега веќе е јасно дека олимпиското злато може само да го сонуваат ако не се појават со некаков „дрим-тим“ во кој ќе играат најголемите ѕвезди и олстар-играчи, а не како годинава со тим од присобрани играчи кои не беа во прв план ниту во своите клубови, но беа патриоти и барем не одбија да играат за националниот тим.

- Оглас -

Најнови вести