Босна и Херцеговина се подготвува за бараж дуелите за пласман на Светско првенство 2026. Првиот нивни предизвик е гостувањето во Кардиф против Велс, а ако победат ќе играат со подобриот од мечот меѓу Италија и Северна Ирска. Легендарниот југословенски фудбалер Сафет Сушиќ анализираше какви се шансите на БиХ за пласман на Мундијалот и вели дека е оптимист.
Сушиќ смета дека е полесно БиХ да слави над Велс во Кардиф, отколку на домашен терен да брка победа над Италија. Играчот кој беше виртуоз на средината од теренот потенцира дека не ја познава премногу селекцијата на Италија.
„По мое мислење, полесно ќе биде да го победиме Велс во Кардиф, отколку Италија во БиХ. Италијанците немаат тим како некогаш што имаа. Сега да ме прашаш да набројам пет репрезентативци нема да знам. Мислам дека Италија сигурно ќе игра во финалето за баражот затоа што сепак имаат подобра селекција од таа на Северна Ирска. Сепак, да не заборавиме што им се случи пред неколку години во дуелот со Македонија“, вели Сушиќ.

