Напаѓачот на Ливерпул, Мохамед Салах, ќе игра повторно за Црвените пред крајот на тековната сезона. Мускулната повреда што ја заработи еден од легендарните фудбалери на 20-кратниот шампион на Англија не е толку сериозна како што првично се сметаше.
Салах излезе од игра за време на победата на Ливерпул од 3-1 против Кристал Палас со сомнеж за повреда на бутниот мускул, која закануваше да стави крај на неговите настапи оваа сезона. Голгетерот се очекува да го напушти „Енфилд“ по завршувањето на шампионатот.
Директорот на репрезентацијата на Египет, Ибрахим Хасан, изјави дека Салах ќе има потреба од четири недели пауза поради кинење на задната ложа, што практично би значело крај на сезоната пред почетокот на Светското првенство. Сепак, од англискиот клуб потврдија дека станува збор за полесна мускулна повреда.
„Ливерпул може да потврди дека се очекува Салах повторно да биде на располагање пред крајот на сезоната. Проблемот што доведе до неговото повлекување е потврден како лесна мускулна повреда“, стои во соопштението на клубот.
Мохамед Салах е трет на вечната листа на најдобри стрелци на Ливерпул, со 257 голови на 440 натпревари.
Ливерпул моментално се наоѓа на четвртото место на табелата со 58 бодови, а следниот натпревар на Црвените е гостување кај Манчестер Јунајтед во недела.
Liverpool FC can confirm Mohamed Salah is expected to be available to play again before the end of this season ℹ️
— Liverpool FC (@LFC) April 29, 2026

