Мохамед Салах сака да игра за Египет на Летните олимписки игри во Токио што ќе де одржат од 23 јули до 8 август. Термин што е многу проблематичен за неговиот клуб Ливерпул, кој не му дава пас да настапи на ЛОИ.
Проблемот е што фудбалскиот турнир во Токио треба да заврши на 7 август, а неполна седмица потоа ќе почне новата сезона во Премиер лигата.
Салах има право да игра за Египет, иако правилото е да настапат фудбалери до 23 години. Има правило кое вели дека тројца фудбалери над таа возрасна граница можат да учествуваат на Игрите.
Сепак, и покрај напорите на Египетската фудбалска федерација да добие зелено светло од Ливерпул за отсуство на Салах за ЛОИ, засега тоа не им успева.
Уште еден проблем е што Мо ќе игра и на Африканскиот куп на нациите на почетокот на идната година, а за тој турнир Ливерпул веќе му дозволи на вториот најдобар стрелец во Премиер лигата да игра за популарните Фараони.