По завршувањето на Светското првенство во Катар, Серхио Бускетс стави крај на репрезентативната кариера. Фудбалерот кој беше светски првак со Шпанија во 2010 и европски владетел во 2012 година реши да се фокусира само на клупскиот фудбал, каде што откако започнал, го нема сменето дресот. Во текот на целата кариера досега Бускетс играл само за Барселона и тоа веќе 15 сезони.
Следниот меч што Бускетс ќе го игра за Барселона ќе биде јубилеен 700-ти во дресот на каталонскиот гигант. Актуелниот договор на Бускетс со Барселона е до јуни оваа година, што значи дека потоа како слободен играч може да замине каде што сака.
Според најавите, токму Бускетс е следната голема цел на тимот на Ал-Наср, каде што неодамна потпиша Кристијано Роналдо. Најавите се дека Бускетс ќе добие дури петгодишен договор со Ал-Наср, според кој ќе заработува по 13 милиони евра по сезона.
Освен Ал-Наср, за Бускетс интерес покажа и тимот на Интер Мајами од САД, па во следниот период останува да видиме кој ќе биде изборот на 34-годишниот дефанзивен играч за врска.