Се множат спонзорите пред ЕП – Комерцијална банка им се приклучи на македонските фудбалски јунаци (Фото)

Комерцијална банка се приклучи на сè поголемиот спонзорски пул на македонската фудбалска репрезентација, а денеска и официјално е промовиран тригодишниот договор за соработка.

„Веруваме дека македонскиот фудбал има во себе магија и моќ за да поттикне нови успеси и победи. Тоа да бидат успеси на деца кои ќе се определат за спорт, одговорност и дисциплина, на нови генерации фудбалери, на сите нас кои ќе изградиме уште подобри услови за спортот во земјава. Тоа е мисијата со која Комерцијална банка влегува во соработка со Фудбалската федерација на Македонија, бидејќи делиме исти цели.

Посакувам Европското првенство да ни донесе многу радост, а на фудбалерите им посакувам, пред сè, здравје и многу среќа“, изјави Илија Илоски, главниот оперативен директор и член на УО на Комерцијална банка.

Претходно уште еден македонски бренд, „Скопска пивара“, се приклучи како спонзор на македонските фудбалски јунаци пред настапот на ЕП од 11 јуни до 11 јули.

„Со оваа соработка што денеска и официјално ја објавуваме, Комерцијална банка станува поддржувач на македонската фудбалска репрезентација. Горди сме што добиваме партнер кој секогаш ги подржува вистинските вредности. Најдобрата македонска банка со најдобрата фудбалска репрезентација.

Исклучително сме среќни што преку оваа соработка со Комерцијална банка, имаме можност да ја продолжиме убавата приказна поврзана со учество на македонската фудбалска репрезентација на Европското првенство, која покрај спортскиот успех, во себе содржи и голема национална гордост“, изјави Муамед Сејдини, претседателот на ФФМ.

 

- Оглас -

Најнови вести