Оклахома сити тандер го победи Сан Антонио спарс со 122-113 во вториот натпревар од финалето на Западната конференција во НБА-лигата, па серијата сега е израмнета на 1-1.
Шеј Гилџес-Александер, МВП на регуларниот дел од сезоната, одговори по послабиот старт на серијата и мечот го заврши со 30 поени. Алекс Карузо од клупата додаде 17, Чет Холмгрен постигна 13, а Џаред Мекејн и Кејсон Волас по 12 поени.
Оклахома го скрши натпреварот со подобар придонес од резервистите и со грешките на противникот. Тандер имаше предност од 57-25 во поени од клупата, како и 27-10 во поени по загубени топки на противникот.
Тренерот на домаќините, Марк Дејно, изјави по натпреварот:
„Мислам дека сите игравме подобро. Имав тивко чувство на самодоверба поради тоа. Не знаев дали ќе победиме или ќе загубиме, но бев прилично сигурен, по првиот натпревар и познавајќи го нашиот тим, дека ќе излеземе и ќе одиграме подобро.“
Кај Сан Антонио, Стефон Касл постигна 25 поени, Девин Васел додаде 22, додека Виктор Вембањама имаше ефект од 21 поен, 17 скока, шест асистенции и четири блокади.
Сан Антонио во финишот се доближи на 99-97 по тројката на Харисон Барнс на 9:06 минути до крајот, но потоа следуваше серија на домаќините од 11-0 со која Тандер повторно ја презеде контролата.

