Сè пореална е револуционерната промена на СП во Катар: Еден меч да трае барем 100 минути

Легендарниот италијански судија Пјер Луиџи Колина ги потврди најавите дека е многу веројатно дуелите од Светското првенство во Катар да траат многу повеќе од вообичаеното време. Се очекува за мечевите во Катар да биде зголемено времето на дополнителното судиско време на крајот. Најавите се дека ќе има барем 10 минути продолжувања, што значи дека мечот ќе трае 100 наместо стандардните 90 минути.

„Ако ја погледнете статистиката, ќе видите дека некои тимови ефективно играат 52 минути, а други траат само 43 минути. Ако се собере целото време, јасно се гледа голема разлика. Ако јас како гледач плаќам карта да гледам 90 минути фудбал, а активен фудбал има само 44 или 45 минути, половина од моите пари одат на време во кое не се игра фудбал. Поголем дел од времето се поминува во уфрлување на топката од страна или од гол-аут линијата“, објаснува Колина.

Според Колина, најмногу време се троши за време на изведување на прекините, потоа додека се слави гол и кога се прават замени.

„Ако во едно полувреме се постигнат три гола, во просек прославата на погодок трае по една и пол минута, што значи дека само во едно полувреме поради тие голови се губат пет минути фудбал. Мора да бидеме подготвени барем на 9-10 минути продолженија. Сега тоа продолжение „боде очи“, но тоа е за оние кои сакаат спектаклот на фудбалските терени да трае повеќе од тоа што е сега“, објасни Колина.

- Оглас -

Најнови вести