Се сеќавате на Адам Џонсон? Денеска излезе од затвор

Поранешниот репрезентативец на Англија, Адам Џонсон утрово излезе од затвор. Џонсон беше обвинет и осуден на шест години затвор поради педофилија. Тој призна дека бакнувал и допирал една 15-годишна ученичка. Во мај 2016 година замина во затвор, а откако издржа речиси половина од изречената казна, денеска беше пуштен на слобода.

Џонсон кој сега има 31 година, речиси сигурно нема да најде клуб во Англија, па доколку реши повторно да ја реактивира фудбалската кариера, ќе мора да замине во странство. Како играч од средината на теренот помина дел од младинските категории во Њукасл и Мидлсбро. Во 2004 година дебитираше во сениорскиот тим на Мидлсбро. Во кариерата играше и за Лидс, Ватфорд, а од 2010 до 2012 година беше член и на Манчестер сити. Во тој период доби и покана за настап во репрезентацијата на Англија. Одигра 12 меча за Гордиот Албион и даде два гола.

Сандерленд е неговиот последен клуб каде што играше од 2012 година, па сè до откривање на скандалот со педофилијата. Џонсон на суд призна дека ја бакнувал девојката за која мислел дека е постара, но немал сексуален однос со неа. Судијата кој му даде помилување на фудбалерот му забрани сам да ја гледа својата четиригодишна ќерка и тоа засега ќе мора да биде во присуство на полицијата или социјален работник.

Откако беше осуден, Англиската федерација му ги избриша настапите на Џонсон за националниот тим.

 

- Оглас -

Најнови вести