Се скрои план за рестартирање на сезоната во НХЛ-лигата

Раководството на НХЛ-лигата и асоцијацијата на професионални хокеари постигнаа договор за рестартирање на сезоната на 1 август. Првенството ќе се доигра со скратен формат од 24 екипи, со тоа што последните три екипи од Западната конференција и последните четири тима од Источната конференција според пласманот пред да се прекине шампионатот, ќе изостанат.

Натпреварите ќе се играат во два града – екипите од Западната конференција ќе играат во Едмонтон, додека Торонто ќе биде домаќин на дуелите од Истокот. Финалната серија, односно битката за Стенли купот ќе се одржи во Едмонтон.

Што се однесува за подготовките, тие треба да започнат на 13 јули, а веќе е составен протокол по кој ќе се водат екипите. За време на подготовките секоја екипа може да располага со по 30 хокеари, но не е лимитиран бројот на голмани.

Секој хокеар има право да отстапи, односно да одлучи да не игра и притоа да не добие казна. Секојдневно ќе се мери температура и ќе се проверуваат симптоми на ковид-19, како дома така и во тренинг-камповите.

Играчите и членовите на стручните штабови ќе се тестираат на секои 48 часа со тоа што резултати од тестовите ќе се добиваат во рок од 24 часа. Секој позитивен случај на корона-вирус ќе се третира како хокеарска повреда.

Инаку, сезоната во НХЛ-лигата се прекина на 12 март, еден ден откако кошаркарската НБА-лига прогласи прекин.

 

 

- Оглас -

Најнови вести