Италија играше со најмладиот стартен состав во последните 114 години!

Четирикратниот светски првак Италија третпат по ред нема да биде дел од најголемиот планетарен фудбалски собир, па јасно е дека нешто мора да се менува во националниот состав. По шокантната елиминација од Босна и Херцеговина, Италија синоќа го одигра првиот меч, и тоа на гости кај Луксембург.

Аѕурите славеа минимално со 1:0, а привремениот селектор Силвио Балдини направи драстична промена во составот. Тој реши во стартните 11 да бидат фудбалери кои во просек имаат 21 година и 353 дена. Со овој избор на Балдини, Италија го доби најмладиот стартен тим во повеќе од еден век. Последен пат помлад стартен тим на Италија имало во декември 1912 година. Тогаш, на пријателски меч против Австрија, просечната возраст на стартниот тим на Италија бил 21 година и 308 дена.

Балдини дојде на селекторското место како замена за Џенаро Гатузо, кој си замина веднаш по неуспехот Италија да се пласира на СП 2026. Стратегот кој досега го водеше У21 тимот на Аѕурите, ќе го предводи сениорскиот национален состав и на контролниот дуел против Грција што ќе се игра в недела.

Потоа, Италија ќе мора да најде вистинско решение за селекторската функција во обид да се врати тимот во елитното друштво.

- Оглас -

Најнови вести