Се закануваше дека ќе си оди од клубот, а кога доби отказ, реши да направи „проблем“

Екипата на Севилја е едно од најголемите разочарувања сезонава во шпанската Примера дивисион. Клубот за кого навикнавме да игра добро, да освојува трофеи во Лигата на Европа, сега е во опасност да испадне од шпанското елитно друштво.

Поради тоа, челниците на клубот пред неколку дена решија да му дадат отказ на тренерот Хорхе Сампаоли. Аргентинскиот стратег остана само неколку месеци на клупата и не успеа да го врати победничкиот ритам кај играчите.

Токму затоа беше избркан кога почна паузата за репрезентативни настапи, па Севилја сега ќе бара ново решение како да не испадне. Тимот моментално е на 14-тата позиција на табелата со 28 бодови, што се само два повеќе од Валенсија, која е во опасната зона.

За Сампаоли ова беше втор престој на клупата на Севилја, но за разлика од првиот пат, кога доби отказ и си замина без многу врева, сега ситуацијата не е таква. Аргентинецот очигледно не беше многу задоволен од оваа одлука на првите луѓе на клубот, па реши да не го потпишува взаемниот договор за заминување од клубот и најави дека ќе ги бара сите пари што му следуваат од договорот.

Интересно е тоа што дека Сампаоли во декември се закануваше дека ќе си замине доколку не му бидат донесени квалитетни засилувања во борба за опстанок, но тоа не се случи во зимскиот преоден рок. Тренерот кој пред три месеци сам сакаше да си оди од клубот, сега бара да му бидат исплатени сите пари според договорот. За тоа колку е лут Сампаоли на челниците на Севилја, покажува и неговиот пост во кој им се заблагодарува на сите за соработката во Севилја, но никаде не ги споменува првите луѓе на клубот.

- Оглас -

Најнови вести