Џенаро Гатузо води преговори со Торино, пренесуваат италијанските медиуми. На Гатузо му е понуден договор до 2028 година, со опција за продолжување уште на една сезона, според кој би заработувал 1,5 милиони евра годишно, плус бонуси.
Гатузо наводно е голема желба на Џанлука Петраки, спортскиот директор на Торино.
Стратегот во Хајдук Сплит имаше плата од околу 1,5 милиони евра годишно, додека како селектор на Италија заработувал малку повеќе од тоа.
За можниот негов ангажман во Торино се зборуваше и минатата недела.
„Тутоспорт“ тврдеше дека покрај Гатузо кандидат е и хрватскиот тренер Иван Јуриќ, кому тоа би му било враќање на клупата на клубот од Торино. Но, изгледа дека поранешниот селектор на Италија е поблиску до преземање на тимот.
Иако тренерот Роберто Д’Аверса успеа да ја стабилизира екипата и да обезбеди опстанок во Серија А, не е сигурно дека ќе остане на клупата. Тој го презеде тимот во февруари, откако беше сменет Марко Барони. Во девет натпревари забележа четири победи, две ремија и три порази.
Д’Аверса неодамна изјави дека нема сигнали за продолжување на договорот кој му истекува на крајот од сезоната.
Гатузо, легендарниот играч од средниот ред, во тренерската кариера ги водел Сион, Палермо, ОФИ Крит, Пиза, Милан, Наполи, Валенсија, Марсеј, Хајдук и Италија, а единствениот освоен трофеј му е Купот на Италија со Наполи во 2020 година.

