Себалјос сака да си оди од Арсенал, но клубот не го дава

Шпанскиот плејмејкер Даниел Себалјос летоска замина во Арсенал во потрага по минутажа во силно првенство и поподготвен да се врати во Реал Мадрид налето, но работите за него не одат според планот. Според шпанските медиуми, Себалјос сака да си оди од Арсенал и да биде позајмен во друг клуб.

Тој нема играно уште од 6 ноември, а и во Реал биле информирани за желбата на Дани да си оди од Лондон. Досега тој играше само на 17 меча, одигра вкупно 906 минути, а имаше и повреди. Себалјос има желба да се најде на списокот на шпанската репрезентација за Европското првенство годинава, па потребно е да биде во форма. Во Арсенал, каде што не игра, тоа не е можно.

Валенсија е заинтересирана за некогашниот играч на Бетис, но засега Арсенал одбива да биде раскината позајмицата. Иако тренер на Арсенал повторно е Шпанец, откако Микел Артета седна на клупата, не му даде ниту една минута на Себалјос.

- Оглас -

Најнови вести