Фудбалската репрезентација на Македонија веќе е во Сараево, кадешто утре ќе одигра контролен меч против учесникот на Светското првенство, Босна и Херцеговина.
Селекторот Гоце Седлоски на официјалната прес-конференција им посака успех во Северна Америка, но најави дека Македонија има свои амбиции на овој меч.
„Најважно е да одиграме добар натпревар. Имаме свои амбиции, ја респектираме селекцијата на Босна и Херцеговина и се надеваме на добар резултат. Им посакуваме се најдобро на Светското првенство, но ние дојдовме да се претставиме во најдобро издание и да оствариме успех.“ – рече селекторот на македонската репрезентација, Гоце Седлоски.
Селекторот за овој меч повика неколку нови фудбалери, има дебитанти, но и повратници, а дел од нив веројатно ќе добијат и минутажа против Босна и Херцеговина.
„Имаме и неколку освежувања во тимот, сите ќе добијат одредена минутажа, некои можеби и ќе бидат стартери, и искрено се надевам дека ќе ја оправдаат довербата.“ – дополни селекторот.


