Македонската фудбалска репрезентација стартуваше со подготовки за претстојните контролни натпревари против БиХ во Сараево и Турција во Истанбул, дуели кои ќе послужат како важен тест пред стартот на Лигата на нации.
Селекторот Гоце Седлоски на овој собир повика и неколку нови имиња, а меѓу нив е и Сефер Емини.
Емини истакна дека овие натпревари ќе бидат од големо значење за воигрување на селекцијата, особено поради промените и новите фудбалери во составот.
„Мора добро да се подготвиме за двата меча. Имаме многу нови играчи, а и јас го очекувам мојот прв настап за репрезентацијата. БиХ и Турција се квалитетни селекции кои настапуваат на Светско првенство и затоа треба максимално сериозно да пристапиме. Верувам дека овие натпревари ќе ни помогнат многу пред почетокот на Лигата на нации“, изјави Емини.
Тој додаде дека дисциплината и исполнувањето на тактичките задачи ќе бидат клучни фактори за добар настап на националниот тим.
„Ќе мора да бидеме многу дисциплинирани и технички и тактички, а на теренот да го спроведеме она што ќе го побара стручниот штаб. Ако го направиме тоа, мислам дека ќе имаме добри настапи“, порача македонскиот репрезентативец.

