Селекторот Де Бур го врати ударот, Лалињата влегоа во Зона на самракот пред ЕП

Франк Де Бур одговори на критиките на медиумите и на капитенот Џини Вајналдум за својот избор и одлука да не ги повика во репрезентацијата Кевин Стротман и Рајан Бабел.

Атмосферата во холандскиот табор на неполна седмица пред стартот на Европското првенство не е добра, а ја потпали Вајналдум со изјава дека не е задоволен од изборот на Де Бур.

„Чест ми е да бидам капитен на Холандија, особено кога отсутен е Вирџил Ван Дајк, но имаше и подобра опција од мене. Капитен требаше да биде Кевин Стротман, но тој не е ни повикан во репрезентацијата за ЕП. И Рајан Бабел требаше да биде со нас. Ме чуди изборот на селекторот“, изјави Вајналдум.

Де Бур му одговори и на новиот капитен на Холандија и на медиумите со интересен одговор.

„Кога го повикував Стротман трпев големи критики. Имаше и отровни стрели дека не знам што правам. Сега кога не го повикав, повторно јас сум виновен. Тоа е мојот избор. Холандија има премногу квалитетни играчи и мора да се направи тежок избор. Секогаш ќе има незадоволни, но јас одлучив кои фудбалери треба да играат на ЕП и стојам зад мојот избор“, изјави Де Бур.

Атмосферата кај Лалињата е влошена и по новата повреда на клучен играч, а Матајс Де Лихт е неизвесен за настап на шампионатот, по повредата на тренингот вчера.

Стандардниот стопер вечерва нема да игра против Грузија во последниот тест натпревар на Орање пред настапот на ЕП, а ако не може да игра и на шампионатот, тоа ќе биде голем удар за Холандија.

Капитенот Вирџил Ван Дајк е повреден и нема да настапи на шампионатот, па ако и вториот стопер Де Лихт не може да игра, тоа ќе биде огромен проблем за нашиот трет ривал во Ц групата на ЕП.

Со Холандија ќе играме на 21. јуни во Амстердам од 18 часот.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести