Попладнево се одиграа три од четирите бараж-натпревари за опстанок/пласман во Втората македонска фудбалска лига. Фудбалерите на Кожуф ја оправдаа фаворитската улога и следната сезона ќе играат во второлигашката конкуренција, откако со убедливи 4-0 славеа над шампионот на Третата лига – Југ, велешки Борец.
Изненадување направи победникот на Третата лига – Север, Еуромилк од Горно Лисиче, откако со 2-1 славеше над второлигашот Каменица Саса на „Градскиот стадион“ во Кратово. Поранешниот прволигаш со оваа победа се враќа во второлигашката конкуренција по пауза од осум години.
Следната сезона во Втората лига ќе има и еден дебитант, откако екипата на Камењане од истоименото тетовско село успеа да го добие баражот против Победа од Валандово со 2-0.
Последниот бараж-меч ќе се одигра утре на стадионот во скопската населба Ѓорче Петров, а се среќаваат второлигашот Тетекс и победникот на Третата лига – Југозапад, Влазними од Струга.

