Селекторот Миленкоски со 15-мина одбојкари патува за Марибор

Селекторот на машката сениорска репрезентација, Јошко Миленкоски, ќе смета на 15-мина репрезентативци за пријателските натпревари со Хрватска, кои викендов ги играме во Марибор, Словенија. Со екипата нема да патува единствено средниот блокер Филип Маџунков.

Маџунков е на подготовките заедно со репрезентацијата, но истовремено чека и мала хируршка интервенција на десното колено, па селекторот Миленкоски одлучи да го поштеди за контролниот двомеч.

По една недела подготовки во Струмица, репрезентацијата утре изутрина лета за Љубљана, па оттаму со автобус до Марибор, каде што в сабота и в недела ќе одигра два пријателски натпревари со Хрватска, која исто така темпира форма за настапот во ЦЕВ Европската златна лига.

Натпреварите ќе се играат во „Драш спорт“ центарот во Марибор, в сабота од 18 часот, односно в недела од 17 часот.

За Македонија двомечот со Хрватска ќе биде единствената проверка на силата во пресрет на годинешниот настап во ЦЕВ Европската златна лига.

- Оглас -

Најнови вести