Актуелниот селектор на ракометната репрезентација на Аргентина, Ѓиљермо Милано, ќе седне на клупата на најтрофејниот македонски клуб Вардар до крајот на сезоната. Постигнат е договор за соработка која може да биде продолжена и по завршување на тековната сезона. За неколку дена се очекува Милано да пристигне во Скопје и ќе ја преземе екипата. Милано доаѓа на местото на Недановски, кој во неделата доби отказ.
Милано е професионалец со над 20 години искуство како тренер во клубови и во машката репрезентација на Аргентина. Има учествувано на над 50 меѓународни турнири, вклучувајќи четири Олимписки игри, 19 Светски првенства, 4 Панамерикански игри, 4 Јужноамерикански игри, 16 Панамерикански првенства и 20 меѓународни турнеи.
Во своето тренерско образование има учено и бил на обуки на многу познати тренери, како Талант Дујшебаев, Мануел Каденас, Мануел Лагуна, Дидие Динар, Ксавиер Пасквал и Тони Жерона.
Од 2021 година е назначен за селектор на аргентинската репрезентација. Претходно беше помошник-тренер, а бил одговорен и за сите младински селекции на Гаучосите. Со репрезентацијата на Аргентина настапи на последните олимписки игри во Франција, на СП 2023 година во Полска и Шведска, а беше победник на Панамериканските игри во 2024 година, кога во финелето го победи Бразил.
„Огромна чест е да добиеш повик од еден од најпрестижните тимови во Европа и ја имав привилегијата да го следам клубот долги години во нивните настапи во Лигата на шампионите. Од Македонија ја покорија Европа со својот нескршлив карактер и борбеност инспирирајќи ги ракометните фанови насекаде. Како што го носам моето 20-годишно искуство со аргентинските репрезентации, исто така се обврзувам да ѝ пристапам на оваа улога препознавајќи го наследството на големите тренери кои беа пред мене. Целосно сум посветен да дадам сè за Вардар, да оставам сè на теренот и да придонесам за континуиран успех на тимот. Возбуден сум што ќе бидам дел од ова ново поглавје во мојата кариера и ќе помогнам да се напише следното поглавје во историјата на Вардар, изјави Милано.