3.8 C
Skopje
среда, 25 февруари 2026

Сенегал е првиот четвртфиналист на Африканскиот куп на нации

Фудбалерите на Сенегал станаа први четвртфиналисти на Африканскиот куп на нации во Мароко.

Селекцијата која, заедно со домаќинот Мароко, се смета за главен фаворит за освојување на турнирот, на дуелот во Казабланка го совлада Судан со 3-1 и во полуфиналето ќе игра против подобриот од дуелот меѓу Мали и Тунис, кој се игра вечерва од 20 часот.

Сенегалците пред четири години ја освоија титулата, пред две години застанаа во осминафиналето по поразот од подоцнежниот шампион Брегот на Слоновата Коска, а сега ги оправдаа очекувањата и отидоа чекор подалеку од претходниот турнир.

Сепак, играта на теренот не ветува премногу сигурност, пред сè поради слабиот дефанзивен настап.

Судан шокираше уште во четвртата минута, кога Абдалах со ефектен удар го матираше Едуар Менди за 0-1.

Следуваше целосна иницијатива на квалитетниот тим на Сенегал. Судан имаше неколку шанси од контри да ја удвои предноста, но не успеа, а во 29-та минута дојде до изедначување. Садио Мане беше асистент, а стрелец беше Папе Геј, кој погоди со прецизен удар од 16 метри за 1-1.

Пресвртот се случи во судиското продолжение на првото полувреме, повторно со гол на Папе Геј, овојпат по асистенција на напаѓачот на Баерн, Николас Џексон, за водство од 2-1.

Крајот на натпреварот го означи младиот крилен напаѓач на Пари Сен Жермен, Ибрахим Ембаје, кој во 77-та минута искористи одлично додавање во празен простор од Садио Мане, се втурна во казнениот простор по десната страна и со прецизен удар од 10 метри го постави конечниот резултат 3-1.

- Оглас -

Најнови вести